Саздовска беше човек на одлука во Турингер – го реши дербито против Битигхајм

Екипата на Турингер каде настапува македонската репрезентативка Јована Саздовска успеа да слави во големото дерби против Битигхајм. На свој терен, девојките предводени од Херберт Милер победија со 24:23, а голот за одлука на една минута до крајот го постигна токму Саздовска.

Таа беше една од најдобрите на теренот, а одличната партија ја круниса со четири гола. Бидејќи играа двата најдобри тима во Бундес лигата сосема очекувано беше гледачите да гледаат тврд натпревар. Цврстата игра во одбраните на двата тима, не дозволи многу погодоци.

Полувремето го доби Турингер со 11:8. Гостинките ја покажаа својата класа во вториот дел и комплетно се вратија, но Саздовска со гол на една минута до крајот им ги уништи плановите. Моментално, Турингер и Битингхајм се изедначени на врвот на табелата во Бундес лигата. Имаат по 38 поени, но Битингхајм е се уште прв поради подобрата гол разлика.