РФМ за ТВ права доби казна од ЕХФ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја казни Ракометната федерација на Македонија (РФМ) поради прекршување на правилата околу  ТВ правата за мечот меѓу Македонија и Исланд, натпревар кој се одигра на 7 мај 2017 како дел од квалификациите за Европското Првенство кое ќе се одржи во Хрватска.

Според Ракометниот Суд, тело на ЕХФ надлежно за разрешување на сите спорови во рамките на правилата и пропозициите на ЕХФ, секундарните ТВ права припаѓаат на ЕХФ и на нејзиниот медиумски партнер. РФМ имаше договор со ТВ Телма за вршење пренос од гостување на македонската сениорска селекција во Рејкјавик. Додека националниот сервис МТВ е медиумски партнер на ЕХФ.

Според одлуката на ЕХФ, секундарните и терцијалните ТВ права единствено се во сопственост на ЕХФ и нејзините партнери (член 43.2 од правилникот за квалификации на Европско првенство во организација на ЕХФ) и затоа прекршување на овие правила ќе ја чини РФМ 2000 евра. Во вкупната сума земени се олеснителни околности бидејќи националната федерација го прекршила членот 43.2, но ситуацијата била разрешена пред почеток на споменатиот натпревар поради што нема дополнителна штета кон ЕХФ и медиумските партнери на ЕХФ. Гостувањето на Македонија во Исланд се емитуваше на МТВ.

Македонската ракометна федерација има можност да ја обжали одлуката во наредните седум дена.