Русите го земаат најдоброто од Вардар: Самсоненко – генерален менаџер, Кокшаров нов селектор на „Зборнаја“

Руската ракометна федерација реши во иднина Сергеј Самсоненко да биде генерален менаџер на руската машка репрезентација, а Едуард Кокшаров, актуелниот спортски директор во Вардар ќе ја преземе функцијата на селектор.

Кокшаров доаѓа на местото на Димитри Торгованов, кој со машката репрезентација на Русија не успеа да се пласира на ЕП 2018 година во Хрватска. Двајцата вардарци сезонава стигнаа до круната во машката лига на шампионите. Самсоненко и Кокшаров ја водеа и женската екипа на Вардар на меч од лигата на шампионите против Лајпциг.

Веста за ангажирањето на Кокшаров за нов селектор на Русија значи дека Вардар ќе мора да бара нов спортски директор, и во машката и женската екипа. Русинот дојде на почетокот на сезоната и ја презема оваа функција. Сергеј Самсоненко е сопственик на РК Вардар, па сега неговите сонародници сакаат да го искористат и да „украдат“ нешто од неговото менаџирање со цел репрезентацијата конечно да се врати на старите патеки.

Претседателот на руската ракометна федерација Сергеј Шишкарев неколкупати сезонава беше гостин во Скопје на натпреварите на Вардар во лигата на шампионите.