Русинките повторно го спасија Трефилов од бесење: Нова победа на патот кон медал

Нова победа за репрезентацијата на Русија на Олимписките игри. По несигурниот старт против Јужна Кореа ракометарките на Трефилов со добра игра во поголемиот дел од натпреварот успеаа да ја зачуваат минималната предност пред селекцијата на Франција.

Лакрабер го отвори овој дуел со првиот од 11-те погодоци, Русинките веднаш возвратија, а играта гол за гол продолжи до 10-та минута. Дмитријева, Близнова и Вјахирова ги казнија сите промашени зицери на триколорите за првото водство од три погодоци (8-5).

Но почетното водство не беше гаранција за победа на Русија, Французинките ја искористија предноста од играч повеќе и фатија приклучок во овој дуел (8-8, 15′). Затоа зборнаја успеа да создаде нова низа од три невозвратени голови, а овојпат разликата се задржа до самиот финиш на полувремето. Се обидуваа Французинките да им парираат на руските репрезентативки, но среќата не беше на нивна страна, многу промашени чисти удари од линијата за шест метри, лоша реализација од пенал линијата и расположените крилни играчи на Русија само ја продлабочија разликата до истекот на првите триесет минути.

Русија го започна вториот дел со предност од пет погодоци 10-15, разлика која ја одржуваше до 40-та минута. Лакрабер и Дембеле ја доближија Франција на три голови негатива, а неизвесноста започна во 48-та минута кога Пино беше прецизна за гол предност на противникот (20-21).

Во ниту еден момент не беше доведена во прашање победата на Русија, на француските репрезентативки им недостигаше последниот чекор за израмнување, а нервозата и неизнудените грешки умно ги користеа Русинките и на минута и половина до крај на натпреварот се вратија на три погодоци предност 23-26. Задоцнетиот финиш на избраничките на Крумболц значеше само намалување на разликата и возбудливи 20 секунди по кои Русинките се радуваа на втора победа на ОИ во Рио, овојпат со резултат 25-26.

Најпрецизна во составот на Русија беше Кузнецова со шест погодоци, додека Вјахирева и Судокува постигнаа по четири голови. Во составот на Франција најрасположена беше новата вардарка Александра Лакрабер со 11 голови, Дембеле постигна шест, додека Пино гол помалку. Солидна на голот беше Амандин Лејно која заврши со девет одбрани и 39% успешност.

Во следното коло за два дена, Франција ќе се соочи со Аргентина(02:50), додека Русија ја очекува уште еден силен противник, репрезентацијата на Шведска (19:40).