Ростов Дон со победа над ѕвездениот ЦСМ Букурешт го отвори „Трофеј Вардар“

Во првиот натпревар на силниот интернационален турнир Трофеј Вардар, чии домаќини се актуелните европски вицепрваци ѕвездениот состав на Ростов Дон го совлада поранешниот европски шампион ЦСМ Букурешт со 26-29.

Првиот дуел започна како што доликува за два големи фаворити кога во прашање е Фајнл Фор турнирот во Будимпешта. Амбициите за двете екипи дополнително се засилени со играчките имиња кои летово пристигнаа во Романија и Русија. Неизвесните почетни минути од натпреварот први до два гола предност ги одведоа руските ракометарки (6-8 12′), но наместо да ја продолжи својата игра, Ростов Дон влезе во серија грешки кои ги чинеа водство. Искусните Романки кои пред две сезони се закитија со титулата во Лигата на шампионите не дозволија да го испуштат водството па на полувреме имаа и убедливи 15-11.

Возбудувањата започнаа во средината на вториот дел. Иако се чинеше дека Букурешт ја има контролата над резултатот, затоа и до 45. минута имаше предност од три голови (21-18), работите бргу добија нов тек. Низата од неколку голови и расположената одбрана на рускиот шампион предводена од Маиса Песоа ги доведе до очај романските прваци. За само две минути Ростов се доближи на само гол разлика (21-20), а во 48минута Макеева ја враќа возбудата на овој дуел со изедначувачкиот гол за 22-22. Ракометарките на Ростов Дон го искористија моментот и својата одлична игра ја претворија во два гола разлика преку Родригез и Судакова за 24-26 во 54′. Точка на сите надежи во 58та минута стави Алесандрина Барбоса со нејзиниот четврти гол, а 28 за Ростов Дон, со што русинките имаа недостижни три голови предност. До крајот во рутинирана завршница, ростов Дон ги забележа првите бодови на „Трофеј Вардар“ за конечни 26-29.

Најпрецизна на теренот беше Кристина Неагу со 6 голови, додека со 5 ја следеше Мајда Мехмедовиќ во редовите на ЦСМ Букурешт. Кај победничкиот тим Макеева со 6 голови ја предводеше листата стрелци, додека Булатовиќ, Барбоса, Родригес, Судакова постигнаа по 4 голови.

ФОТО:КОЧО СОТИРОВСКИ