Романците го признаа поразот, но најавија победа следната година во Скопје

Ракометарите на Стеауа не можеа да му парираат на Вардар на денешниот двобој од СЕХА-лигата во СЦ „Јане Сандански“  и си заминаа со пораз од 21:27. Тоа беше очекувано, а и самите Романци истото го потврдија после натпреварот.

„Му честитам на Вардар. Одигра добар натпревар. Се обидовме да му зададеме проблеми, но немавме многу простор. Во првиот дел загубивме многу топки, а Вардар нè казни. Гледано целосно ова е добар натпревар за мене. Среќен сум поради тоа што играме во ова натпреварување и имаме две победи на четирите средби досега. Годинава ќе стекнуваме искуство, а следната година ќе се обидеме да се вратиме тука во Скопје и да дојдеме до победа“, вели тренерот на Стеауа, Михаила Овидиу.

На ова се надоврза и првиот голман на тимот, Тудор Станеску.

„Честитки за Вардар за победата. За нас е одлично со оглед на тоа што играме силни натпревари во лигата. Денешниот дуел беше специјален бидејќи игравме против актуелниот првак. Многу важно е за нас за понатаму во сите натпреварувања затоа што секој нов одигран дуел против силен противник ни дава можност за напредок. На Вардар му посакувам и многу успех во Лигата на шампионите“, коментираше Станеску.

Стеауа следниот меч во СЕХА го игра на 28 септември, а го пречекуваат составот на Мешков Брест.