Романките се испотија, па со пресврт освоија бодови

Селекцијата на Романија стигна до победа од 27:25 против Шпанија во меч со пресврт откако во поголемиот дел Шпанките беа тие кои ја имаа предноста и беа поблизу до триумф.

Двата бода и донесоа на Романија израмнување со бодовите со Холандија, но уште не можат да бидат сигурни за пласман во полуфиналето бидејќи ќе мораат до крајот на средбите по групи да одат на сигурно за да се најдат меѓу најдобрите четири репрезентации.

Шпанките тргнаа подобро во натпреварот и се изборија за висока предност од 6:1. Се чинеше дека ја имаат контрола и мечот, но Романија успеа да се врати после почетниот шок и да намали до крајот на првото полувреме. На паузата беше 12:10 во корист на „фуријата“ и беше сосема извесно дека ќе има што да се види во вториот дел од средбата.

Продолжението донесе подобра игра од Романките. На средина од второто полувреме дојде до израмнување на 17:17, а потоа дојде до пресврт и водство на Романија од 20:17.

До крајот разликата постојано беше 2-3 гола за Романија, па имаше целосна контрола за нова победа која по истекот на времето беше изборена со 27:25.

Дениса-Стефанија Деду со 11 одбрани имаше голем удел во победата, додека најпрецизни беа Неагу со седум и Пинтеа со шест гола. Во Шпанија Гонзалез со шест гола беше најефикасната.