Романката стана најдобар стрелец на ЕП: Кристина Неагу е женскиот Кире Лазаров

Кристина Неагу уште еднаш докажа дека е во моментов најдобрата ракометарка во светот. Левиот бек на романската репрезентација со 5 постигнати голови во победата против Германија со 29-24, стана најдобар стрелец на сите времиња во историјата на ЕП.

На вечната листа таа ја помина унгарската репрезентативка која одамна не е активна, Агнес Фаркаш со 205 голови, а ги остави зад себе и Грит Јурак со 194, Лин Кристин Ригелут со 190 погодоци, Марта Манге со 173.

Од активните, барем на репрезентативно ниво, најблиску до Неагу е шведската репрезентативка Изабел Гулден со 163 голови.

Таа беше три пати прогласувана за најдобра ракометарка во светот во изборот на ИХФ, а може дополнително да ја зголеми предноста на вечната листа, затоа што ќе одигра уште минимум четири натпревари на континенталниот собир во Франција.