Романија ја збриша Германија и обезбеди втор круг

Селекцијата на Романија со одлична игра дојде до втора победа на Европското првенство со што веќе си обезбеди втор круг откако денеска го совлада составот на Германија со 29:24.

Во текот на целата средба Романките беа во предност. Тргнаа силно од стартот и доминираа во нападот при што Германките не можеа да следат. Покрај тоа голманката Дениса-Стефанија Деду бранеше одлично. Имаше многу зицер ситуации и топки ои лесно ги запираше и веднаш потоа овозможуваше контра или биеше во празниот гол.

Ваквата игра донесе 14:11 за Романија на полувремето и уште повисока разлика на крајот. Во вториот дел кога Германките почнаа да ризикуваат, репрезентативките на Романија едноставно доминираа и отидоа рано на плус осум. Тоа беше причина во финишот да дојде до опуштање, па на крајот беше само пет разлика и 29:24 во корист на Романките.

Деду која беше прогласена и за ракометарка на натпреварот имаше 13 одбрани, а Букеши со 11 гола беше далеку најефикасната. Зад неа со пет гола остана Неагу, а Пинтеа имаше четири. Кај поразените Дина Екерле го заврши мечот со пет одбрани, додека Бенке финишираше со осум погодоци.