Романија го освои Светското кадетско првенство во Македонија

Женската кадетска репрезентација на Романија го освои Светското кадетско првенство за ракометарки до 18 години.

Во Охрид селекцијата на Романија без поголеми проблеми ја совлада Германската репрезентација со 32:21(15:7).

Во натпреварот за трето место репрезентацијата на Данска ја совлада Црна Гора со резултат 20:19(13:8) и го освои бронзениот медал.

Светското кадетско првенството во Македонија се одржуваше во Скопје, Струмица и Охрид. Во Македонија допатуваа околу 1000 љубители на ракометот. На трибините во Охрид можеше да се забележи и по некоја ракометна звезда, Павел Атман од РК Металург, Тата Хмирова и Ања Алтхаус од ЖРК Вардар СЦБТ, Катарина Булатовиќ од ЖРК Будуќност кои ги бодреа своите земји.

Некои репрезентации беа предводени од големи ракометни имиња, Маја Савиќ ја предводеше Црна Гора, додека  Нарциса Лекушану беше дел од таборот на романската селекција.

Можеби како домаќини на ова Светско првенство имавме амбиции да бидеме повисоко пласирани во генералниот пласман но тоа не се случи. Сепак и самото учество на едно Светско првенство е голем плус за овие млади ракометарки, ако се знае каков третман имаа македонските младински и кадетски репрезентации во изминативе десетина години. Треба програма, вложување, и пред се трпение, за да се формираат профили на ракометарки кои ќе можат да се носат со своите врснички во светот, а тоа мора да признаеме не се прави преку ноќ.