Роберто Парондо: Утре нема да биде тешко како во Веспрем…

После одличниот старт на сезоната во која екипата на Вардар забележа четири победи во СЕХА и уште три во Лигата на шампионите утре од 17:15 часот во СЦ „Јане Сандански“ следува нов натпревар. Во рамки на 5. коло од СЕХА-лигата гостува тимот на Војводина против кој екипата на Вардар влага со улогата на фаворит.

Сите очекувања се да нема никаков проблем за вардарци да продолжат со одличната серија и да дојдат до нова победа.

„Ни претстои нова средба од СЕХА-лигата. Војводина е најдобриот тим во Србија во последните неколку години и не смееме да го потцениме ривалот. Имаат млади и добри играчи, кои играат агреивно и сакаат да покажат колку можат. Ние сакаме да покажеме дека имаме квалитет. Сигурно нема да биде тешко како на средбата против Веспрем, но мораме да ја сфатиме нашата задача максимално сериозно“, коментираше Парондо на пресот пред утрешната пресметка со Војводина.

Составот со кој тимот на Вардар ќе настапи на дуелот против Војводина ќе се знае после денешниот тренинг.

„Рожерио Мораеш и Вуко Борозан имаат проблем со коленото и ќе видиме како ќе се чувствуваат. Оној што ќе биде подготвен за настап и ќе се најде во составот“, изјави Парондо.

Тој има одлично мотивирани играчи и сите работи се насочени кон тоа дека и утре ќе има максимално подготвен тим за нова победа во СЕХА.