Рио е далеку од Македонија!

Додека македонските медиуми веќе започнаа да пресметуваат бодови од олимписките турнири, македонската ракометна репрезентација во овој момент не се наоѓа меѓу патниците за трите квалификациски турнири! Кога веќе се занимаваме со хипотези и лични желби тогаш репрезентативците на Македонија ќе добијат уште една шанса да стигнат директно до Олимписките игри, преку Европското Првенство во Полска на кое треба да бидат први или втори доколку Франција е во финалето. Теориите се едно, можностите на Македонија друго, а реалноста трето. Пред се за да се пласира на ова натпреварување Македонија треба да премине преку Чешка (првиот дуел заврши нерешено) и Швајцарија (првиот дуел заврши со победа на Македонија) и/или да заработи некој бод од двата дуела со Франција.
Втората варијанта е Македонија преку пласман на второто или третото место на Европското првенство да обезбеди учество на квалификациски турнир, односно Македонија треба да биде меѓу двете најдобро рангирани репрезентации на Европското првенство кои веќе не обезбедиле место на квалификацискиот турнир.
Третата варијанта која е реална, но сеуште теоретска е Катар и Полска, Шпанија, Данска, Хрватска или Германија да одработат за Македонија, односно да бидат прваци на своите континенти. ИХФ вчера објави како би изгледал патот до Рио во текстот наречен „Од Доха до Рио-Квалификации за Олимписки игри“ кој ви го објавуваме во целост:

Франција како носител на титулата Светски Првак од 24-то Светско Ракометно Првенство за мажи, обезбедува директен билет за Олимписките Игри во Рио 2016 година, каде ќе се натпреваруваат 12 машки и 12 женски тимови.
Со тоа што завршија од 2 до 7 позиција во Доха, второпласираниот Катар, како и Полска, Шпанија, Хрватска, Данска и Германија обезбедуваат место на Олимписките Квалификациски Турнири, кои ќе се одиграат во април 2016.
Зависно од резултатите на останатите континентални квалификациски настани (Пласманот на Катар на Азискиот Квалификациски Турнир во октомври 2015 и Европското Првенство во Полска 2016) дури Словенија (која е рангирана како осма од Доха) и Македонија (рангирана деветта) имаа шанса да обезбедат место на овие турнири.


Квалификации за Ракометниот Турнир во Рио 2016:

Директен пласман како домаќин: Бразил

Директно пласиран како победник на Светското Првенство 2015: Франција

По едно место на турнирот во Рио ќе биде обезбедено за:

Европското Првенство во Полска 2016
Африканското Првенство во Египет 2016
Пан-Американските Игри 2015 во Торонто
Азискиот Квалификациски Турнир 2015 во Катар

Побeдниците на овие натпреварувања се квалификуваат директно за Рио 2016. Доколку светскиот шампион Франција истотака победи на континенталното натпреварување, носителот на сребрен медал од тоа континентално натпреварување ќе се квалификува директно за Рио.

Шест места ќе се обезбедат преку Олимписките Квалификациски Турнири:

Овие турнири ќе се одиграат во април 2016 со по четири екипи на секој од нив, двете најдоброрангирани репрезентации од секој турнир ќе се квалификуваат за Рио 2016.

Веќе квалификувани за Олимписките Квалификациони Турнири (шест места) се: Катар, Шпанија, Полска, Данска, Хрватска и Германија (рангирани од 2- 7 на Катар 2015)

Останатите шест места ќе бидат одлучени на споменатите континетални натпреварувања.

Како најдобро рангирани континенти на Светското Првенство Катар 2015, Европа и Азија ќе добијат две места од континеталните натпреварувања, а Африка и Пан-Америка по едно.