Риниа со осум играчи за малку ќе го освоеше Штип!

Во првото коло од групата 1 од Првата лига, Текстилец и Риниа одиграа без победник 36:36 и со по еден бод ја започнуваат новата сезона.

Натпреварот беше многу ефикасен, се играше гол за гол во првиот дел без поголема предност од еден гол на екипите. Во првиот дел постигнаа дури по 20 гола двете екипи и на одмор отидоа со нерешено, 20:20.

Во продолжението и двата тима имаа добри моменти. Најпрво Текстилец имаше два предност, а потоа со 4:0 Риниа возврати, до крајот уште неколкупати го менуваа водството за конечен нерешен исход на крајот.

Ако некој треба да жали по победата, тоа се гостите, кои иако имаа само осум играчи во ростерот за овој натпревар, сепак можеа да се вратат со полн плен од Штип.

Крум Гогов беше убедливо најпрецизен за Текстилец со 12 гола, веднаш до него со 10 беше Попов Симон. Во противничкиот состав Фета Сулејмани имаше одлично издание со 15 гола.