Рецептот за успех на Абутовиќ пред натпреварот со Киелце: Поцврсто во одбрана, посигурни во напад!

Бедемот на „црвено-црната“ одбрана, српскиот интернационалец, Илија Абутовиќ пред возвратниот натпревар кој Вардар го игра во Киелце против полскиот шампион, за 24Ракомет истакна дека ракометарите се подготвени и желни за пласман на Фајнл Фор турнирот, а доколку се поправат грешките и се задржи препознатливата одбрана на Вардар тогаш можеби има простор за размислување околу епицентарот на најголемото ракометно случување, Келн.

Знаеме дека ќе биде тешко, како што беше и во Скопје. Мислам дека сега сме повеќе подготвени за натпреварот отколку што бевме на првиот натпревар. Верувам дека подобро ќе одиграме и одиме да победиме и да ги надополниме тие два гола разлика. Нема да биде лесно, но ќе дадеме се од себе. Мислам дека ќе треба да одиграме цврсто во одбраната, тие ќе одиграат многу послободно на домашен терен, тука не шутираа толку многу од надворешните позиции како што тоа обично го прават и сметам дека ќе се опуштат пред своја публика и ќе шутираат повеќе од надворешните позиции. Ние мораме да одиграме многу поцврсто во одбраната и да бидеме посигурни во нападот.

Изминатава недела ги анализиравме грешките, гледавме видеа и се подготвувавме, можеме подобро. Кај нив не е истата атмосфера како кај нас, мислам дека не може публиката толку да влијае на играта како што може во Скопје.