Репрезентациите ги добија своите противници за ЕП во Шведска

Денес во Гетеборг, Шведска се одржа ждрепката за европското првенство за жени. 16 репрезентации беа поделени во 4 групи, а извлекувањето го направија, норвешката голманка Емили Станг – Сандо, данската репрезентативка Лине Јоргенсен, полската ракометарка Ивона Њеѓвиѓед и шведската ракометарка која пред некое време ја прекина пензијата и се врати на терените, Ида Оден.

Групата А која ќе се одигра во Стокхлом ја пополнија Шведска, Србија, Шпанија и Словенија. Во групата Б која ќе се игра во Кристианстад, е составена од репрезентациите на Холандија, Франција, Германија и Полска. Групата Ц која најверојатно ќе биде и најнеизвесната ќе се одигра во Малмо, а репрезетанциите кои ја преставуваат оваа група се: Црна Гора, Унгарија, Данска и Чешка. Во последната група Д која ќе се одигра во Хелсинборг ќе играат: Норвешка, Русија, Романија и Хрватска.

Домаќин на ова ЕП ќе биде Шведска, кое ќе се одржи од 4 до 18 декември годинава, а бранител на титулата ќе биде репрезентацијата на Норвешка. Во втората фаза ќе поминат по три екипи од секоја група, а ќе се пренесуваат бодовите од меѓусебните натпревари. Групата А ќе вкрстува со групата Б, додека Ц ќе вкрсти со групата Д. Место во полуфиналето ќе обезбедат само двете најдобри репрезентации од групите од втората фаза, додека третопласираните екипи од групите ќе играат за 5 место.