Реми на Динамо во Австрија, Баја Маре прегазена од Мец

Второто коло од Лига на шампионите донесе две изненадувања. Хипо ремизираше против Динамо додека Мец ја совлада Баја Маре.


Група A

Во првата група Хипо на домашен терен успеа да се избори за голем бод против фаворитот Динамо од Волгоград. Ракометарките на Хипо предводени од голманката Олга Санко и одличната одбрана со поставените Горичанец, Каишер и Лерант вроди со плод во првото полувреме кога некогашниот славен тим имаше предност од 15:14.

Во вториот дел рускиот шампион со бековскиот тандем Кочетова – Дмитриева заигра поангажирано и во нападот и во одбраната и имаше шанса од Австрија да си замине со два освоени бода и чекор до следната фаза. Хипо го искористи неиграњето на одличната Дариа Дмитриева која во последните минути заработи мала повреда. Натпреварот заврши без победник 25:25.

Да Роча беше најефикасна во составот на Хипо со седум погодоци, искусната Горица Ачимовиќ додаде пет. Во одлично светло се покажаа и младите Стефани Каишер со четири и Мартина Горичанец со три погодоци. Во руската екипа најпрецизни со по шест погодоци беа Дариа Дмитриева и Ана Кочетова.

Во вториот натпревар од оваа група екипата на Марта Бон, Крим гостува во Лајпциг.


Група Б

Ракометарките на Будуќност немаа големи проблеми против Подравка во Копривница. Будуќност на стартот делуваше премногу страшно и за седум минути постигна седум погодоци во мрежата на Подравка додека домашната екипа мака мачеше да го постигне првиот погодок пред домашната публика во новата сезона. Серијата од 7-0 ја прекина Кристина Елез со погодок во деветтата минута. Во продолжението од натпреварот црногорскиот тим го диктираше темпото и не дозволи никакво изненадување. Единствено Подравка ја намали негативата на пет разлика. Натпреварот во Копривница заврши со убедлива победа за ЖРК Будуќност 32:27 ( 14:18).

Во тимот на Подравка се истакна Миринда Татари со девет погодоци, седум додаде Јелена Живковиќ. Во составот на ЖРК Будуќност романската репрезенативка Кристина Неагу постигна осум погодоци, Катарина Булатовиќ и Радмила Петровиќ постигнаа по шест. Голманката Ивана Капитановиќ имаше 11 успешни интервенции додека кај ЖРК Будуќност Клара Волтеринг запиша три, Марина Рајчиќ девет интервенции.

ЖРК Вардар ја запиша својата прва победа во ЛШ. Повеќе за натпреварот на следниов ЛИНК.


Група Ц

Во оваа група екипата на Локомотива Загреб на свој терен и пред своите фанови очекува победа против данскиот тим Виборг. За да се привлече што поголем број публика управата на Локомотива реши влезот да биде слободен. Во првото коло Локомотива беше убедливо поразена од Ѓер додека Виборг немаше проблеми против Савехоф. Натпреварот Локомотива Загрен – Виборг се игра денес со почеток од 17:50. Актуелниот шампион Ѓер гостува во Савехоф.


Група Д

Во последната група Ларвик ја забележа својата втора победа. Норвешкиот тим беше подобар на гостувањето против Лублин со 28:23 ( 13:14). Следен натпревар на Ларвик е на гостински терен против романската Баја Маре во третото коло. Лублин првата победа ќе ја бара на домашен терен против Мец.

Дрим тимот на Баја Маре каде настапува нашата репрезенативка Елена Ѓорѓиевска одигра просечен натпревар против француски Мец. Домашните ракометарки заслужено остварија висока победа против Баја Маре со 34:24 ( 13:10). Најефикасна во редовите  на Мец беше Грос Ана со седум погодоци. Во составот на Баја Маре Екатерина Давиденко постигна пет. Македонската репрезентативка Елена Ѓорѓиевска еднаш се запиша во листата на стрелците.