Реми за Охрид на европската премиера, но ќе има втора шанса за второ коло

Ракометарите на Охрид со реми дебитираа во европските купови. Третопласираниот тим од Македонија одигра нерешено 24:24 во првата средба од првото квалификациско коло во Купот на ЕХФ против холандскиот Волендам. Иако во првиот дел имаа и плус 3, во вториот дел се вратија по негатива од минус 3, сепак избраниците на Горан Андоновски мораа да се задоволат со реми, пред утрешниот реванш, кој исто така ќе го играат на домашен терен.

Охрид поведе уште во првата минута, а преку Адамовиќ домашните поведоа и со 2:0. Кежиќ погоди за плус 2, во 7 минута, 3:1, а десното крило Блажески со голот од контранапад зголеми на 5:2. Сепак Волендам се врати на 5:5, беше и 6:6. Бирдахиќ го замени Младеновски по тајм-аутот на домашниот тим и го врати водството на домашна страна, 7:6.

Гостите играа со двајца играчи помалку на средината на вториот дел и Охрид стигна и до плус 4, 10:6 преку капитенот Андоновски, а заслуги за тоа имаше и голманот Трајковски кој одбрани два пати во серија. Гостите не се предадоа и преку опасните Мршуља и Ван Бурен стигнаа до 10:10. Адамовиќ за кратко го врати водството кај Охрид со голот за 11:10.

Волендам ја стегна одбраната, домашните погрешија во додавањата во неколку напади по ред и Ван Шие стрелаше за 11:13. Гостите ја одржаа предноста од 2 гола до крајот на полувремето и на пауза се замина со предност за нив од 13:15, откако Мршуља погоди во последните секунди.

Во вториот дел беше 14:16, но повредата на Славиша Димитријески предизвика неколкуминутен прекин, а гостите зголемија и на највисоки плус 3, 14:17. Младеновски го скрши мразот и Охрид погоди за 15:17. Сепак Волендам ја врати предност 19:22 во 49 минута, пред Бирдахиќ, Тасески и Младеновски да израмнат на 22:22 во 53 минута.

Живна атмосферата во салата, се разбудија „Рибарите“, гостите почнаа да грешат во серија и Кежиќ по подолго време го врати Охрид во водство со 23:22. Волендам го искористи исклучувањето на Андоновски и погоди два пати во серија за 23:24 во 58 минута, но Блажески израмни од пенал на 24:24 и на две минути до крајот се требаше да почне од нула.

Голманот Трајковски одбрани во следниот напад на Волендам, но и на спротивната страна Еијлерс му го одбрани шутот на Бирдахиќ на стартот на последната минута. Гостите имаа напад за победа, но не го искористија и мечот заврши нерешено, 24:24. Во домашниот тим се истакна Блажески со 6 голови, а Бирдахиќ, Адамовиќ и Младеновски имаа по 4, додека голманот Трајковски забележа 12 интервенции. Реваншот се игра утре со почеток во 19 часот на истото место.