Реми во Париз, за историски Ф4 пласман на ПСЖ во Лигата на шампионите

Хрватскиот шампион пред почетокот на вториот четвртфинален дуел против ПСЖ најави дека нема да излезе со бело знаме, а тоа и го потврди со одличната игра во Франција и нерешениот резултат од 32-32 (16-13).

Францускиот првак со 2-0 го отвори дуелот, но „плинарите“ бргу го изедначија резултатот. Во текот на сите триесет минути Парижаните имаа предност која не ја надмина границата од четири погодоци. На пауза двете екипи заминаа со резултат 16-13.

Вистинска експлозија доживеа составот на Вујовиќ во вториот дел. До 40-та минута Загреб ги надомести четири голови предност на противникот и го изедначи резултатот на 20-20, а потоа следуваше вистински шок за ракометните ѕвезди од ПСЖ. Ковачевиќ го донесе првото водство за Хрватите, но ПСЖ успеа да ја врати контролата над играта и не дозволи да ја прокоцка високата предност од првиот дуел.

Младите хрватски ракометари достојно се збогуваа од Лигата на шампионите, а до 56-та минута имаа предност од три голови, 28-31. Во самиот финиш на натпреварот Хансен со три погодоци и Абало со еден успеаа да извлечат реми за својот тим и со конечни 32-32 да се пласираат на Ф4 турнирот во Келн, за прв пат во историјата на овој клуб.

Најпрецизен во составот на ПСЖ беше Онуфриенко со седум, додека Хансен и Карабатиќ постигнаа по пет погодоци. Кај хрватскиот шампион, Хорват имаше осум успешни обиди, Контрец постигна шест, а Шушња, Мандалиниќ и Шебетиќ по пет голови во поразот на својот тим.