Реакција од Пролет: Tемелковски покажа непочитување кон другарите од детство, играчите и клубот во кој израсна

Во саботата се одигра големото градско дерби меѓу Е.Работник и Пелистер, дуел кој во себе носеше голем товар, дуел од големо значење за двете екипи, дуел што требаше да покаже како се движат работите во двата табора. Додека Пелистер сè уште е во неизвесност по која иднина ќе продолжи да се движи, Е. Работник го доживеа најтешкиот пораз во последните две години токму од градскиот ривал. Многу прашања допрва треба да се одговорат, бидејќи и покрај смената на тренери, „фармацевтите“ не одат во вистинската насока. По заминувањето на Темелковски од Пролет, скопскиот клуб преку соопштение го истакна својот револт кон Е.Работник и долгогодишниот тренер.

Илија Темелковски, новиот кормилар на Е.Работник беше во фокусот изминатиот викенд. Тој по натпреварот со Пелистер меѓу другото се осврна на причините за заминување од Скопје. Тоа беше повод со своја реакција да се јави и ракометниот клуб Пролет. Од клубот потенцираат дека не му се лутат на тренерот поради неговото заминување, туку поради начинот на којшто го направи тоа.

Секој тренер има право да бира клуб, исто како што секој клуб има право да избере тренер. Но каде е неговата некоректност? Не е коректен кога остава клуб сега и веднаш, барем да ни овозможеше простор од една недела. Особено што тој имаше во предвид дека играме само еден натпреварот против Охрид и потоа следеше пауза од две недели, временски период во кој би можеле да го затвориме прашањето за нов тренер.

Со неговата постапка тој покажа големо непочитување кон другарите од детство, кон играчите и управата на клубот, клуб во кој израсна и помина 40 години како играч и тренер, клуб кој му овозможи да стане селектор на репрезентацијата во сите возрасни категории. Тоа непочитување можеме да го поистоветиме со личната култура. Тука ја затвораме приказната поврзана со Илија Темелковски.

И покрај отуството на Темелковски, Пролет успеа да го изненади Охрид на гостински терен, а во следните недели пронајде соодветно решение за испразнетото тренерско столче во името на Никола Матлиевски. По осум одиграни кола Пролет е на третата позиција во македонското првенство пред Е.Работник кој има три бода помалку.