Рајн Некар осамен на врвот, Кил загуби од Гепинген, Фленсбург ремизираше со Берлин…

Лошата форма на ракометарите на Кил се одразува и на домашното првенство. По убедливиот пораз од ППД Загреб во рамките од Лигата на шампионите, ракометарите на Кил беа убедливо поразени во Бундес лигата од Гепинген со 29:21 (13:9).
Неизвесноста на овој дуел траеше само шест минути, Гепинген со серија од 5 голови во низа создаде пристојна предност која ја надоградуваше во текот на целиот меч. На полувреме двете екипи заминаа со резултат 13:9. Почетокот на вториот дел најави интересна завршница, ракометарите на Кил со неколку брзи голови ја стопија предноста на домаќините и во 33-та минута со погодокот на Вајнхолд намалија на 13-12.
Но Гепинген не дозволи изненадување пред својата публика, во наредните пет минути изгради пристојна предност од пет погодоци, а таа разлика ја одржуваше до 53-та минута. Индиспонираните „зебри“ немаа сили за финишот на мечот, во последните 10 минути постигнаа само три погодока, а на спротивната страна Гепинген со нова низа на голови ги разреши дилемите околу победникот за конечни 29-21.
Голем придонес во победата на Гепинген имаше репрезентативецот на Србија, Жарко Шешум кој постигна шест голови и беше прв стрелец во екипата. Во поразениот табор најефикасен беше Шпренгер со пет погодоци.
Ова е втор пораз за „зебрите“ во домашниот шампионат, а тоа го искористија ракометарите на Рајн Некар Ловен и со седмата победа се оддалечија на четири бодови пред Мелсунген, Гепинген и Кил.
Рајн Некар Ловен одигра уште една уверлива партија на свој терен. Овојпат против новиот бундеслигаш Штудгарт ја запечати првата позиција во германскиот шампионат со конечен резултат 31-20. Најпрецизен на овој натпревар беше Уве Генсхајмер со 5 погодоци. Капитенот заминува наредното лето, а како ќе влијае веста за заминување на капитенот од Манхајм, ќе видиме во продолжение на сеозната.
Амбициозно стартуваше и некогашниот европски шампион Фленсбург, пред сезоната донесе квалитетни имиња кои требаше да се вклопат во концептот на млади и талентирани ракометари на тренерот Врањеш. Домашното првенство го започнаа со победа против актуелниот првак Кил, но во следните неколку кола дозволија да бидат изненадени од Мелсунген и Вецлар. По низата несигурни настапи, Фленсбург пред својата публика ремизираше со солидниот состав на Фуксе Берлин, 30-30 и се оддалечи од лидерската позиција во Бундеслигата. Сепак откако ќе се земе превид играта која ја покажаа освојувачите на Супер глоуб трофејот, Фленсбург треба да биде задоволен со еден бод, особено ако се земе во превид дека на 50 секунди до крај на натпреварот, ракометарите на Врањеш имаа негатива од два гола.
11057721_1008105855879227_4658146953904966295_n
Иако немаше убедлива предност Фуксе Берлин го контролираше резултатот и играта и имаше постојано водство(освен почетните 1-0) кое се движеше околу три голови разлика. На полувреме „лисиците“ имаа четири погодоци залиха, 14-18 но екипата на Фленсбург го изедначи резултатот по само осум минути игра во вториот дел на 19-19. Следниот нерешен резултат го донесе Тофт Хансен со звукот на сирената за конечни 30-30.
Најпрецизни во екипата на Фленсбург беа Ласе Сван со девет и Холгер Гландорф со шест постигнати голови, додека за Фуксе Берлин осум голови постигна Петар Ненадиќ, а Петерсен постигна пет.
Фленсбург со девет поени моментално се наоѓа на шестата позиција по седум одиграни кола, исто колку и екипата на Фуксе Берлин која има натпревар помалку.

ФОТО: БЕНЏАМИН НОЛТЕ (SG Flensburg-Handewitt/Benjamin Nolte)