РАЈН НЕКАР ЛОВЕН ЈА ИСПУШТИ ПОБЕДАТА ПРОТИВ КИЕЛЦЕ

Рајн Некар Ловен и Киелце беа тимовите кои во меѓусебен дуел го означија стартот на третото коло од ЕХФ Велукс Лигата на шампионите. Иако екипата на Николај Јакобсен го имаше водството во поголемиот дел од натпреварот, сепак полскиот шампион Киелце успеа да ги казни грешките на домаќинот во последната минута и се избори за нерешени 32-32. Трагичар во составот на Рајн Некар Ловен беше десното крило Грецки кој на две минути пред крајот не реализира зицер за 33-30, а во наредниот напад имаше избрзан шут од девет метри по што Зорман казни за 32-32.

РАЈН НЕКАР ЛОВЕН-КИЕЛЦЕ 32-32 (19-15)

Полскиот шампион подобро го отвори натпреварот кој преку Јурецки поведе најпрво со 0-1, а по пет минути игра Карол Биелецки со удар од 7.метри донесе водство за својот клуб од 2-4. Германците најчесто патот до мрежата на Шмал го наоѓаа со влезови на линијата од шест метри лесно пробивајки ја одбраната на Киелце. Ваквата игра вроди со плод кога Кнер со два гола по ред најпрво израмни на 4-4 во 7.минута, а веќе во наредниот напад Гвардиола одлично пресече една топка за реализација и прво водство на домаќините од 5-4 во 8.минута. Следуваше период на игра во кој ни една од екипите не успеа да направи поголема позитива а последното водство во првиот дел за Киелце го донесе Штрлек кој погоди за +2, 10-12 во 20.минута. Во последните десетина минути следуваше период на игра каква што публиката во Сап Арената во Манхајм сака секогаш да гледа. Цели 25 минути беа потребни тандемот Генсхајмер-Грецки да ги постигне своите први голови, а кога тоа ќе се случи тогаш и играта на Рајн Некар Ловен добива една друга димензија. Генсхајмер најпрво израмни на 13-13, а веќе во наредниот напад Грецки со одлична реализација од десната крилна позиција го врати својот тим во водство од 14-13. Во последните три минути од првиот дел Рајн Некар искористи неколку грешки на Киелце и преку Ду Риц, Грецки и Генсхајмер на полувреме замина со позитива од +4, 19-15.

Германците во почетните седум минути на вториот дел ја оджуваа предноста од полувремето, кога Ларсен со својот втор гол зголеми на 23-19. Но екипата на Киелце многу бргу одговори со серија од 4-0 која ја затвори Рајхман за 23-23 во 40.минута. Во продолжението па се до пред самиот крај гледавме игра гол за гол во која ни една од екипите не успеа да се одлепи на поголема позитива. Со головите на Грецки и Баена Рајн Некар Ловен повторно поведе со +2, 31-29, а Енди Шмит со својот петти погодок ја одржуваше таа предност на четири минути пред крајот, 32-30. Шансата да стави печат на овој натпревар и да донесе нова трета победа за својата екипа во ЛШ ја имаше Грецки кој не успеа да реализира зицер за 33-30, овозможувајки му на Бунтиќ да казни за 32-31. И во наредниот напад Грецки беше во главна улога овојпат шутирајки избрзано од бековска позиција, а на спротивната страна казни Зорман за нерешени 32-32. До крајот останаа уште трисетина секунди во кои Енди Шмит со удар од девет метри се обиде да донесе победа за Рајн Некар Ловен, но неговиот удар го скроти Шего. На крајот конечни 32-32, резултат за кој повеќе треба да жали германскиот тим кој ја имаше победата во свои раце.

Најпрецизен во тимот на Рајн Некар Ловен беше Раинкинд со 6, а Генсхајмер и Шмит постигнаа по 5 гола. Во екипата на Киелце најрасположен за игра беше Јурецки со 9 постигнати гола.