Раул со лекција за Лино, ПСЖ го „збриша“ Загреб

Актуелниот и поранешниот селектор на Македонија, Раул Гонзалес и Лино Червар се видоа одново на терен, но не како тренери на Вардар и Металург туку како стратези на шампионите на Франција и на Хрватска. На мечот во Загреб составот на ПСЖ се избори за триумф од 32:21 и без поголеми проблеми дојде до нови два бода во групата Б од Лигата на шампионите.

Резултатот зборува доволно за случувањата на теренот, па сосема јасно е дека ПСЖ доминираше на теренот во текот на сите 60 минути и без проблеми го реши овој натпревар после кој го чува врвот на табелата во групата Б.

После киксот против Ним во најсилната лига на Франција работите дојдоа на свое место и ПСЖ одново фати победнички ритам. На оваа средба најефикасен беше Никола Карабатиќ, кој осумпати погодуваше во мрежата на домашните, додека Ремили му се придружи со шест гола.

Кај домашните капитенот Хорват беше една од посветлите точки, ако може така да се каже во еден вака висок пораз. Тој постигна четири гола, додека Божиќ Павлетиќ трипати го матираше голманот на гостите.

Ова беше втор пораз за ППД Загреб сезонава во Лигата на шампионите, па тимот остана на двата бода освоени против Флензбург. ПСЖ, пак, после триумфот на гостувањето во Украина во минатото коло славеше над Целје речиси со истиот резултат. На таа средба победија со 33:21.

Во следното коло Загреб гостува кај Скјерн, додека ПСЖ ќе има француско дерби бидејќи ќе го пречека Нант.