Раул и Касим си поделија комплименти, но согласни дека победи подобриот

Вардар забележа и трета победа сезонава во Лигата на шампионите и со тоа го зацврсти лидерското место на табелата во групата А. Мечот тргна лошо за „црвено-црните“, но потоа работите беа поправени и вардарци беа во одлично темпо до крајот и без проблем се изборија за триумф.

„Загреб одигра добар натпревар на почетокот, а потоа откако ја консолидиравме одбраната нашиот противник се соочи со проблеми. Имавме поддршка и од голманот и го кревавме нивото на играта. Мислам дека во второто полувреме бевме далеку подобри од она што го прикажавме во првите 30 минути. Загреб има одличен тренер и одлични млади играчи така што јас сум среќен што успеавме да го совладаме нашиот ривал“, изјави Раул Гонзалес.

Тренерот на гостите, Касим Каменица можеше само да искаже пофални зборови за играта на Вардар и за новиот триумф на „црвено-црните“.

„Би му честитал на Вардар и на колегата на Раул за заслужената победа. Влеговме без оптоварување. Сепак, како одминуваше средбата респектот кон Штербик беше се поголем, а тоа влијаеше на нашата игра. Бројот на примени голови беше прифатлив за нас. Во вториот дел се решивме за поинаква формација и тоа резултираше со поголемо водство за Вардар и до крајот одигра на рутина и така го привршија мечот. За жал потфрливме во второто полувреме. Не очекувавме многу од оваа средба бидејќи се во прашање бодови, но Вардар сосема заслужено се избори за триумф“, коментираше тренерот на загрепчани, Касим Каменица.