Раул Гонзалес и Бранко Тамше во трка за нов селектор на Словенија!

Откако Борис Дениќ го напушти кормилото на словенечката ракометна репрезентација, раководството на ракометниот сојуз на Словенија е во потрага по ново име кое ќе се обиде да го подигне нивото и квалитетот на игра. Изминативе неколку недели се шпекулираше со голем број ракометни имиња, а најсериозни и најзвучни беа Лино Червар и Веселин Вујовиќ.
Но, Словенечкиот Ракометен Сојуз се одлучил трката за селектор на репрезентацијата да ја сведе на две имиња. Како најсериозен кандидат за превземање на функцијата е актуелниот тренер на Целје, Бранко Тамше, а второто име, противкандидатот на Тамше е добро познато име за македонските љубители на ракометот.
Шпанскиот стратег кој е дел од „црвено-црното“ семејство, долгогодишниот помошник на Талант Душебаев, Раул Гонзалес ќе биде вториот избор на словенечкото ракометно раководството.
Веќе се извршени почетните разговори, а конечната одлука се очекува во наредните денови, пред клучните натпревари на репрезентацијата на Словенија во квалфикациите за Европското Првенство во Полска 2016.
Ниту Тамше, ниту Гонзалес немаат селекторско искуство, a двајцата имале успешна ракометна кариера пред да станат тренери.