Растворцев се врати во Скопје

Рускиот интернационалец Алексеј Растворцев по една сезона пауза повторно се враќа во Скопје. Корпулентниот бек ја заврши својата богата кариера и во иднина ќе ја надгледува работата со младите категории во клубот, во Академијата и Вардар јуниор лигата. Неговата позиција треба да им помага на тренерите од Академијата за заеднички да се препознаат талентираните деца да се насочат на вистинскиот пат за постигнување на подобри резултати.

„Мојата и функцијата на Ракометната Академија на Вардар е да се омасови овој спорт низ целата земја и да се искористат успесите на нашите тимови за популаризација и привлекување на повеќе млади кои би тренирале ракомет.
Задача ќе ни биде и да ги препознаеме најталентираните деца кои понатаму би можеле да почнат да настапуваат во помладите категории на Вардар. Талентот треба да се препознае, да му се пружи можност на таквото дете и професионално да се работи со него од најрана возраст. Јас тренирам ракомет од 9 години. Русија е голема држава и многу деца во тоа време се обидуваа да играат ракомет, но само најталентираните успеаа. Некој го препозна мојот талент и стигнав дотука, бев репрезентативец на мојата земја учествував на големи натпреварувања“, истакна Растворцев за официјалната страна на Вардар.

Минатата сезона Русинот настапуваше за екипата на Војводина во Србија, каде ја освои шампионската титула и играше и во СЕХА Газпром лигата, а покрај ракометот, семејството го врзува Растворцев за Скопје. Поранешниот руски репрезентативец има и диплома од Факултет за физичка култура и е прогласен за „Заслужен Мајстор на спорт” во Русија.