Расположениот Талевски му донесе втора победа на Металург!

Во второто коло од Македонскиот ракометен плеј-оф екипата на Металург во Автокоманда го совлада Охрид со резултат 30-23 (15-9 ). Со овој триумф ракометарите на Червар ја забележаа втората победа во вториот натпревар од македонскиот плеј-оф, по стартниот триумф во Прилеп.

Натпреварот со удар од линијата за шест метри го отвори Пешески, а на спротивната страна врати Стојановиќ. Гостите до 9.минута одржуваа резултатска неизвесност кога Вражалица со два гола израмни на 4-4. Од тој момент па до крајот Металург ја имаше контролата на играта и резултатот. Плаво-белите заиграа цврсто во одбраната оставајки ги гостите цели 10 минути без погодок, што резултираше со серија од 7-0 по која Металург се одлепи на комотни 11-4 во 20.минута. Одличен на голот на Металург во тие моменти беше Дупјачанец кој запре неколу тешки удари. До крајот на првиот дел домаќините ја зачуваа високата предност за конечни 15-9.

Во вториот дел ракометарите на Червар продолжија во ист стил. Талевски беше голгетерски расположен, а на спротивната страна србинот Стојановиќ се обидуваше да го врати Охрид во игра. Гостите најмногу што успеаа е да ја спуштат разликата на -4 (19-15, 40.минута), по што следуваше нов бран на добра игра на Металург по кој стигнаа до највисоки +8, (25-17) во 50.минута.
Во последните десетина минути Охриѓани преку расположениот Белевски успеаа да намалат на -5, 27-22, но Пешевски и Костевски со два гола во последните десетина секунди ги поставија конечните 30-23 во корист на Металург.
Талевски одигра одличен натпревар за својот тим и со 10 гола беше најефикасен на натпреварот. Костески и Шајин постигнаа по 4. Во екипата на Охрид најмногу се истакна Стојановиќ со 6 гола.