Ракометот и е во крвта: Само што се породи, Хајди Локе почна со тренинзи за новата сезона (ФОТО)

34-Годишната Хајди Локе минатата сезона потпиша за Сторхамар и се врати во Норвешка по подолго време. Таа го роди своето второ дете на 30 јуни, но веднаш се фати за работи за она што ја чека претстојната сезона.

Само шест по раѓањето на Оскар таа се врати во теретана за да ги стартува подготовките и уверена е дека ќе биде на ниво за предизвиците кои ја чекаат. Прв таков ќе биде дуелот со тимот на Сола каде ќе игра довчерашната вардарка Камила Херем.

„Имав породување без никакви компликации и се чувствувам многу добро, па сакав веднаш да се вратам на работа. Исто беше и по раѓањето на мојот прв син, Александар. Разликата е тоа што сега бев подобро психички подготвена и знаев што ме чека.“ – изјави Локе за норвешките медиуми.

Локе ќе тренира и со машкиот тим на Рунар во нејзиниот роден град Сандефјорд, како и со нејзините колешки од Сторхамар, плус ќе работи како професор во гимназијата во Тонсберг на половина работно време. Таа ќе мора да патува многу, но вели дека е подготвена.

„Ќе го носам Оскар со мене секаде и секогаш. Добро е чувството да се има нов почеток, и јас сум уверена дека се ќе биде како што треба. Мојот главен фокус ќе бидат децата и ракометот, планирам да играм уште долго време. Сторхамар е одлична екипа, и мислам дека имаме шанси да бидеме во врвот на норвешкиот женски ракомет, покрај силните Ларвик, Кристијансанд и Бјасен. Гладна сум за победи и никогаш не се откажувам.“ – вели Локе.