Ракометни мајстории во дваесет и првото коло од француската лига: Георгиевски најпрецизен во поразот на Тулуз

Нови ракометни дуели на програмата вечерва ширум француските арени. Интересни натпревари од 21. коло, очекувани победи на фаворитите, неизвесна борба на терените.

Аих-Селестат 33-27(19-16),
Домаќинот на овој меч се наоѓа на средина од табелата, наспроти Селестат кој со една нога е во ранг подолу. Натпревар со расположени стрелци, убави за око акции и нови два бода за Аих за прекин на серијата од три порази. Уште на полувремето домашните ракометари 19 пати прецизно гаѓаа кон голот на Селестат. Најефикасен во екипата на Аих беше Стојановиќ со 11 голови, наспроти 8-те голови за Гита во редовите на Селестат.
Истрес-Шамбери 26-34(12-17),
Тимот предводен од нашиот селектор Обрван немаше тешка задача против фенерџијата Истрес. Низ целиот тек на мечот, Шамбери го контролираше резултатот и играта. Расположен напад на гостите беше предводен од Гуесан со 6 голови, додека кај домаќините единствено расположен со 5 голови беше Дерот.
Сесон-Данкерк 21-22(12-9),
Актуелниот шампион на Франција успеа за влакно да избегне сензација на гостувањето кај Сесон, кој игра променливо оваа сезона. Сути постигна 6, додека Хошето 4 голови за Сесон кој моментално е 8-ми со 19 бодови. Кај гостите се истакнаа Буто и Судри двајцата по 5 голови. Во изедначен натпревар се чини подобрата ефикасност од 56 % го реши победникот на овој меч и тоа со пресврт во вториот дел.
Нант-Трембле 24-28(12-10),
Натпревар со пресврти кој им припадна на ракометарите на Трембле. Дури ни 8-те голови на Клер не беа доволни против Трембле кој го предводеа Бугами и Тузолама со по 5 голови. Нант игра топло-ладно (на последните 5 меча има три порази) оваа сезона, додека Трембле врза две победи во низа, па така е сега само едно место подолу од Нант со вкупно 20 бодови.
Тулуз-Ст. Рафаел 27-28(13-14),
Седум голови за нашето репрезентативно десно крило Георгиевски (87.5 % реализација и прв стрелец) не беа доволни за победа на Тулуз. Покрај Георгиевски одличен ден имаше голманот Пардин кој собра 13 одбрани, но недоволно за победа против силниот состав на Ст. Рафаел предводен од Абили и Дипанда со по 7 голови. Гостите ја задржаа 3-та позиција со 28 бодови исто колку и Данкерк. Впрочем гостинскиот состав на овој меч го контролираше резултатот низ сите 60 минути, па иако Тулуз стигна до 27-27 сепак трпеливите гостински ракометари пред истекот на времето постигнаа решавачки гол во напад, притоа за одбележување е податокот дека во напад имаа 62 % реализација на овој меч. Тулуз е 12-ти со 14 бодови, едно место над зоната за испаѓање, но и со само една победа на последните 5 натпревари.

Поради настап во Лигата на шампионите, останува уште натпреварот меѓу Париз и Кретеј кој ќе го комплетира 21-то коло од француската ЛНХ лига, дуелот е закажан за 22 април со почеток во 20:30.