Ракометна класика: Кил како гостин го совлада Фленсбург во осминафиналето од Лигата на шампиони

Ждрепката сакаше уште во 1/8 финалето да се сретнат ракометните гиганти од Германија. На едната страна како домаќин беше Европскиот шампион екипата на Љубомир Вранеш-Фленсбург, додека на спротивната страна истрча лидерот на табелата во БУНДЕС лигата и актуелен шампион во националниот шампионат, екипата на Кил.

Почна изедначено, резултатот во првите неколку минути беше 2-2, по што следуваше мини серија на гостинот Кил, за водство од 2-4. Фуриозната игра на шампионот Кил продолжи при што се редеа убави акции, брзото темпо на игра надополнето со прецизни напади и цврстата одбрана, сето тоа придонесе на семафорот да стои 5-10 на 10-ина минути до крајот на полувремето. Кил одигра во првото полувреме шампионски со придонес на тимот како во одбрана така и во напад.Пред паузата разликата достигна +6 односно 8-14 за Кил. На полувремето резултатот гласеше највисоки 9-16.
Одлична тактика поставена од страна на тренерот Гисласон, придонесе да во одбраната се изигра цврсто и подвижно, па така стамената одбрана на Кил му дозволи само 9 голови на нападот на Фленсбург до полувремето.

На почетокот од вториот дел, гледачите во Фленс арената која собира 6300 места, присуствуваа на гол за гол ракометни акции, при што резултатот гласеше 12-19, но разликата од +7 за Кил остана непроменета. Врањеш се обидуваше да промени со некои тактички варијанти од 5-1 или пак истурени двајца играчи напред и сл., но и тоа не вроди со плод, напротив Кил достигна највисоки +8 (13-21). Во средишницата на второто полувреме резултатот гласеше 16-23 со по три реализирани седмерци на обете страни. Во 49та минута беше 17-25 и играч помалку за Кил на теренот, по што следеше тајм-аут за Кил. Во 52та минута статистиката покажа дека % на одбрани на голманите на двата гиганти е идентична-32 % до тој момент. Во 57та минута, Дувњак со првиот свој гол на мечот придонесе за +9 (20-29).

Полна сала, френетични навивачи, ракометни величини и мајстории, сето тоа на едно место, во една преполна сала на северот од Германија. Конечен резултат Фленсбург-Кил 21-30 за убедлива победа на Кил.