Ракометна класика: Веспрем подобар од Кил!

Ракометната битка на титаните овојпат му припадна на унгарскиот состав. Ривалството меѓу Веспрем и Кил е само панделката која го врзува овој квалитетен дуел во машкиот ракомет. Очекуван набој, борба, брзина и несекојдневни решенија беа во понудата на оваа ракометна класика. Како што ракометарите на двете екипи многупати потенцираа, победникот го одлучуваат деталите, овојпат тоа беше одличниот Роланд Миклер.  201711020102013_8

Веспрем ја искористи одличната атмосфера во својата спортска сала и со три погодоци во низа ги изненади збунетите „зебри“. Нападот на германската машинерија конечно проработе по пет минути и не дозволи комплетно да се распадне играта на Кил. Петте голови разлика кои Вспрем ги имаше во 19-та минута се истопија во наредните пет. Кил постојано каскаше зад унгарците, но во 25-та минута имаше само еден гол негатива (10-9). Меѓутоа Анчин веднаш возврати, а набргу потоа Заиц заработи исклучување кое ги чинеше германските ракометари разлика од три погодоци, 13-10, со која се заврши првиот дел.

Четири минути од вториот дел беа потребни за Кил да ја врати неизвесноста на овој дуел. „Зебрите“ се доближија на само гол негатива, а во 40-та минута за прв пат го изедначија резултатот на 15-15. Сепак Веспрем го контролираше резултатот, а бројните промашувања за гостинските ракометари само ја продлабочуваа разликата, која во 45-та минута повторно достигна три голови, 16-19. Последниот обид на Кил за нешто повеќе од пораз се случи на воведот во последните десет минути од натпреварот. Дувњак упати два прецизни удари, а Гулијаш и Сулиќ промашија за нова драма и само гол предност за Веспрем. На пет минути до крај, Кил имаше напад за израмнување, но Нилсон не успеа да реализира од идеална позиција и тука беше крај за сите надежи на гостинските ракометари. Маргуч од пенал линијата повторно ги одведе домаќините на два гола предност(20-18), веднаш возврати Екберг(20-19), а точка на овој дуел стави Илиќ за конечни 21-19.

Еден од клучните ракометари во победата на Веспрем беше голманот Роланд Миклер, а дел од неговите одбрани можете да погледнете во продолжение.

Вујин беше најпрецизен на овој дуел со седум голови за Кил, додека во победничкиот состав на Веспрем, Анчин и Маргуч беа прецизни по пет пати, а ги следеше Илиќ со гол памалку.

По четири одиграни кола, Веспрем заостанува за два бода зад водечката екипа, Барселона, додека со овој пораз Кил останува на четвртата позција до комплетирање на четвртиот круг.