Ракометарите на Војводина спречија инцидент во авион!

Ракометарите на Војводина доживеале голема непријатност враќајќи се од Порто по натпреварот во Лигата на Шампионите. По високиот пораз од португалскиот шампион, ракометарите на српскиот првак морале да се борат со еден од патниците во авионот кој ги враќал за Белград.

Во авионот на германскиот превозник „Луфханза“ на релација Франкфурт-Белград се одвивала вистинска драма, откако еден од патниците се обидел да ја отвори вратата од пилотската кабина. Како што соопштува националната телевизија „Војводина“, човекот по потекло од Јордан се однесувал сомнително уште при влезот во авионот.

Некаде на средина на летот тој се обидел да ја отвори кабината, а брзата реакција на ракометарите на Војводина кои седеле во бизнис класата спречила поголем инцидент. Патникот бил совладан, а до крајот на патувањето го чувале помошник тренерот Милан Мирковиќ и Алексеј Растворцев.

Како што информира претседателот на Војводина останатите патници не биле свесни што се случило, сè до слетувањето кога патникот бил уапсен.