Радост во Автокоманда: Се враќаат спонзорите, се зголемува оптимизмот

Пред дуелот со Чеховски Медведи во Автокоманда стигнуваат добри вести како најава за позитивни ветришта што би требало да дуваат, и да донесат нови спонзори. Еден веќе го препозна квалитетот на Металург и реши финаниски да им помогне. Нема временско ограничување за соработката, а од клубот се надеваат дека тој е само првиот спонзори што ќе влезе во тимот и ќе овозможи подобри услови.

Се работи за најсилната фабрика за акумулатори во Македонија, Таб Мак која во иднина ќе биде спонзори на клубот. Македонско-словенечка компанија што произведува акумулатори, a е добро позната на нашиот пазар. Металург последниве неколку сезони имаше проблеми со финансиите, но и покрај тоа успеа да го сочува квалитетот доволен да може да игра во групната фаза од лигата на шампионите.

И покрај сите турбуленции до домашното првенство лани успеаја да го победат Вардар во Автокоманда, иако потоа загубија во СЦ„Јане Сандански“. Тоа е само потврда дека металурзи имаат визија како да се движат во иднина. Сезонава Металург повторно игра со доста видоизменет состав, во кој има повеќе неискусни играчи што токму низ натпреварите во СЕХА Лигата и Лигата на шампионите (ќе) собираат искуство.

Металург за оваа сезона има помал буџет, но годинава сите побарувања навремено се исплаќаат и атмосферата во клубот е на повисоко ниво.

Засега Металург е на 4 место во Д групата во ЛШ, со две победи и едно реми од пет натпревари. В недела во Скопје гостува Чеховски Медведи на дуел во кој нашиот вицепрвак е фаворит. Сите се надеваат дека токму овој меч ќе биде пресвртница и почеток на нови подобри клупски времиња.