Радовиш со пресврт го совлада Борец, Орјоникидѕе и Петкоски донесоа победа за Прилеп

Ракометарите на Прилеп славеа над Вардар Јуниор со 31:24 во премиерниот меч за нив оваа сезона. Елиминација од Винтертур во Купот на ЕХФ, сепак не беше пречка за момците на Петрески засилени со левиот бек од Грузија, Теимураз Орјоникидѕе, со голманот Трајковски и со пикерот Тренчевски,да слават убедливо над реновираниот Вардар Јуниор.

Освен почетното водство за гостите, се друго беше во знакот на Прилеп, кој до паузата стигна до преднот од 13:11, кој во вториот дел беше само надоградена за конечни 31:24. Во домашните редови се истакнаа крилото Менде Петкоски со 7 голови, додека Орјоникидѕе беше стрелец на 6 голови. Кај Вардар Јуниор најдобар стрелец беше Мартин Манасков со 7 голови.

Интересен натпревар се одигра и во Радовиш, каде домашната екипа иако губеше скоро цел меч, на крајот го победи Борец со 26:25. Велешкиот тим најмогу по заслуга на некогашниот играч на Радовиш, Ивица Илиев, обезбеди предност со 14:9 по првиот дел, а во вториот водеа и со плус 7, 19:12, 20:13. Домаќините полека но сигурно почнаа да ја топат предноста, стигнаа до 22:20. Сепак, Зоранчо Стојановски во 56 минута донесе 25:22 за Борец и веројатно велешани помислија дека ја обезбедија победата.

Но домашните не мислеа така и со серија од 4:0, преку Левов, Милосавлевиќ, и двата гола на Фенов и велешанецот Мачавелов во последната минута, славеа трилер победа со 26:25. Велешани може само да жалат што победата им се слизна низ раце.

Овој меч, на кој двете екипи демонстрираа груба игра, го одбележаа и четирите црвени картони. Кристијан Давитковски од Борец ја отвори „картонијадата“ и доби црвен картон во првиот дел поради три исклучувања упте в 25 минута. Борче Соколов од Радовиш доби директен црвенво 34 минута, додека Органџиев и Андовски од Борец заработија исто така црвени картони поради три исклучувања во 45 минута.

Најдобар стрелец во домашниот тим беш десниот бек Игор Милосављевиќ со 10, а Левов даде 6, додека Илиев постигна дури 11 за Борец, но ниту тоа не беше доволно за позитивен резултат.