Радовиш како судбина: Матлиески веќе има четири бода сезонава против радовишани

Екипата на Пролет продолжи да победува во Супер машката лига и со новиот тренер, Никола Матлиески, кој имаше несекојдневен момент. Неговиот тренерски ангажман во Металург 2 заврши со натпреварот против Радовиш каде освои бод, а продолжи против истиот тим. Сепак, како тренер на Пролет имаше повеќе успех и освои три поени.

„Тој меч во Радовиш ми помогна многу за подготовка на овој меч. Лично и на тој натпревар се подготвував за ова сега така што имаше голем удел во тоа. Некоја случајност е тоа што заврши со Металург во Радовиш со реми, а сега со Пролет тргнав со победа против Радовиш“, изјави Матлиески после првиот меч на клупата на новиот тим.

За овој дуел на кој Пролет имаше доминација во вториот дел и долго кршење на отпорот на противникот вели дека со оглед на малото време за подготовка одработиле одличен натпревар.

„Дојдовме до тешка победа и беше малку потешко од она што го очекувавме. Имавме кратко време за подготовки со оглед на тоа што имав обврски со кадетската репрезентација. Сепак, можам да кажам дека во второто полувреме дојде до израз квалитетот. Го издржавме овој натпревар на мускули. Ова се три бода кои многу ќе ни значат во битката за место во плеј-оф. Имаме сега една недела да се подготвиме за следниот противник и се надевам дека од натпревар во натпревар ќе биде подобро“.

Формата на Пролет е одлична, а Матлиески верува дека ќе успеат да стигнат до остварување на целта.

„Со Пролет одиме чекор по чекор. Нема да давам никакви ветувања и ќе одиме од натпревар во натпревар. Имаме млада и амбициозна екипа и се надевам дека ќе успееме да ги оствариме зацртаните цели и амбиции, а тие се пласман во плеј-офот“, изјави Матлиески.