Раднички и Војводина го комплетираа првото СЕХА коло

Со натпреварот меѓу шампионот и вице-шампионот на Србија, се спушти завесата на првото коло од СЕХА лигата.
Раднички во Крагујевац ја пречека екипата на Војводина, во дуел меѓу лутите ривали од домашното првенство. Во најнеизвесниот натпревар од досегашниот тек на СЕХА лигата, двете српски екипи ремизираа за конечни 24-24. Раднички држеше приклучок се до 22 минута кога со серија 5-1 Војводина создаде сигурна предност од пет голови, 10-15 на истекот на првите триесет минути.
Иако се чинеше дека Војводина лесно ќе ги земе трите бода од овој натпревар, во 40-та минута при пет голови предност за противникот 15-20, Пралица го најави возбудливиот финиш. Десетте минути без гол и одличната 5-0 серија на домаќините ги чинеше ракометарите од Нови Сад два бода. Иако гостите постојано беа во водство во текот на целиот натпревар, домаќините преку Пралица ставија точка на овој натпревар со гол во последната минута за 24-24 и првите бодови за Раднички во СЕХА лигата.
Пралица, Босиќ и Грбовиќ беа најпрецизни кај домаќините со 5 постигнати погодоци, додека Младен Ивановиќ со осум голови беше најпрецизен во редовите на шампионот Војводина.