Радичевиќ ќе биде претседател во Црна Гора

Покрај успесите на ракометниот терен, црногорската интернационалка во редовите на европскиот вицепрвак Вардар, Јованка Радичевиќ успешно плови и во други води. Таа е избрана за претседател на советот во Министерството за Спорт на Црна Гора и во следните четири години ќе ја извршува оваа функција.

Министерот за спорт, Никола Јановиќ именуваше осум членови на советот, меѓу кои ќе биде и десното крило на македонскиот првак. Согласно Законот за спорт, советот за спорт ќе ги разгледува стручните прашања во областа на спортот, и како што е пропишано, ќе дава стручна помош при донесување на одлуките и подготовка на прописите.

Советот е надлежен да дава мислења и предлози во постапките за подготовка на Националната програма, донесување прописи и правила во областа на спортот, избор на спортски програми кои ќе ги финансира државата, да спречува земање на недозволени средства од страна на спортистите и да го спречи насилството и недоличното однесување на спортските терени.

Радичевиќ по четири неуспешни обиди да стигне до европската титула со Вардар, сезонава ќе го започне петтиот обид да го повтори достигнувањето што го имаше со Ѓер.