Радичевиќ со желба за новата сезона: Да го следиме примерот на момците и ние да испишеме историја

Европскиот вицепрвак Вардар ги стартуваше подготовките за новата сезона, во која ќе го има петтиот обид да стигне до долго посакуваната европска титула. Една од староседелките во тимот, десното крило Јованка Радичевиќ вели дека со Драгана Цвијиќ и останатите засилувања, Вардар ќе има нов квалитет.

„Се одморивме малку, паузата ни беше добредојдена по напорната сезона, еве сега тргнуваме со нов тим и нови сили, сега ќе се подготвиме за нешто ново, за поуспешна сезона, иако и минатата беше успешна. Ама ете за тој еден гол, ни фалеше еден гол да испишеме историја, но тоа тоа го направија момците од Вардар. Но, што е тука е, не смееме да паѓаме, мораме со нови желби и нови амбиции во новата сезона, не очекува оној дел од подготовките што за сите спортисти е најтежок, но и психички и физички сме подготвени за тоа. Во тимот ни се приклучи Цвијиќ на позицијата пикер која е една од најдобрите на таа позиција во светот, а верувам и дека останатите нови ракометарки одлично ќе се вклопат и ќе донесат нов квалитет.“ – изјави Радичевиќ.