Прва победа за Вардар Јуниор, Работнички останува закотвен на дното

Во спортскиот центар „Кале“ во Скопје се одигра дерби натпреварот на дното на табелата во македонската Суперлига. Вардар Јуниор го пречека составот на единствената екипа со послаб почеток од нив, составот на Работнички.

Младите ракометари во двете екипи значеа неискуство и бројни технички грешки, а на тоа се надополни и квалитетот на двата состава. Дваесет минути игра беа потребни за домаќините да создадат посериозна предност. По воведните 4-4, составот предводен од Благојче Весиќ во последните десет минути од првото полувреме дозволи низа од три погодоци за „црвено-црните“ (7-4), разлика која се задржа до крајот на првиот дел за конечни 8-5.

На почетокот на второто полувреме, гостинските ракометари имаа шанса да се вратат на минимална негатива, но неискористените прилики ги казнуваа домаќините и повторно ја враќаа највисоката предност од +3, се до средината на вториот дел кога од пенал Вардар Јуниор за прв пат ги достигна највисоките четири погодоци разлика,  11-7.

Слично како и во првиот дел, домаќините во последните десет минути од натпреварот успеаа да го скршат отпорот на Работнички. Повторно гостинските ракометари имаа шанса да се вратат на само два погодока предност, но наместо тоа домаќините ја достигнаа највисоката предност на натпреварот од 18-10. До крајот на натпреварот составот на Вардар постигна уште еден гол, а Работнички два за конечни 19-12.

Ова е прва победа за Вардар Јуниор во македонскиот шампионат, а четврт пораз за Работнички во досегашниот тек од Суперлигата.