Работнички го победи Младост 09 и го исфрли од борба за Супер лига

Во 10. коло од плеј-офот во Првата лига Работнички беше домаќин на екипата на Младост во директен дуел за позициите кои водат во Супер лигата. Ракометарите на Работнички беа сигурни и славеа против екипата од Богданци, 33:28.

Домашните добро започнаа, го имаа првото поголемо водство 4:1. Младост успеа брзо да се врати во дуелот и израмни на 6:6. Се играше изедначено со минимална предност на Работнички. Кон крајот на првото полувреме со одлична игра и серија од 8:2 Работнички направи решавачка предност 17:11.

Младост се обиде во вториот дел да ја стигне предността на домаќинот, но немаше сили за тоа. Работнички рутински го играше вториот дел и без проблеми го водеше натпреварот кон победа. Кумогордски, Димитров и Милошески во победничкиот состав постигнаа по седум гола. Во поразената екипа Караиванов постигна седум гола.

Со оваа победа Работнички останува на првата позиција со 24 бода, а Младост на четвртата со заостанување од шест бода и најверојано ги губи шансите за пласман во Супер лигата.