Работнички ги собра бодовите во Радовиш

Потешко од очекувањата, четвртопласираната екипа во Супер лигата, екипата на Работнички ги обезбеди новите бодови кои имаат голема тежина во борба за пласман во македонскиот плеј-оф. Радовиш по шеесет одигран минути мораше да му честита на подобриот тим, а конечниот резултат гласеше 24-26.

Домаќините единствено во првите десет минути имаа резултатска предност. Но во средината на првиот дел Работнички преку Василевски и Илиќ од 5-3, најпрвин го изедначи резултатот, а подоцна го превзеде водството и поведе со 5-8. Одличната серија од 5 погодоци им овозможи на скопјани комотна предност, која Василевски на средина на првиот дел ја претвори во четири голови (7-11). Илиев и Ордев беа креатори на нови возбудувања во Радовиш, во финишот на првиот дел составот на Глигоров се врати на само гол негатива (11-12) но искуството на гостите им обезбеди разлика од три голови на полувремето, 12-15.

На почетокот на вториот дел, Радовишани повторно се доближија до предноста на Работнички, но кога ќе го почуствуваа црвеното светло во своите редови, гостите со низа од неколку погодоци повторно создаваше простор од два или три гола.  Во 40-та минута повторно Василевски донесе четири голови предност, која не беше гаранција за мирен финиш. Во последниот период двете екипи влегоа во неизвесна завршница, Работнички имаше минимална предност од гол или два, но домаќините не дозволуваа прерано да ги отпишат. Во бркотницата во последните три минути поуспешни беа гостите и со конечни 24-26 заминуваат од Радовиш. Точка на натпреварот од пенал линијата стави најпрецизниот Вања Илиќ со својот седми гол.

Работнички со 24 бодови повторно се израмни на табелата со Прилеп, додека Радовиш заостанува на шестата позиција во битката за плеј-оф. Во следното коло Работнички е домаќин на Пелистер, додека Радовиш му гостува на Охрид.