Еурофарм Работник ги собира репрезентативците во Битола: Марио Танкоски прва трансфер бомба!

Тимот на Еурофарм Работник во следната сезона ќе биде посилен за уште еден македонски репрезентативец. Битолчани се на добар пат да му го преземат вицешампионското место на тимот на Металург, а покрај тоа ќе му „преземат“ и дел од играчкиот кадар. Прв на листата засилувања е левиот бек Марио Танкоски. Младиот стружанец од почетокот на оваа година е дел од сениорската ракометна репрезентација на Македонија, а во Битола ќе се задржи најмалку две години.

Танкоски потекнува од составот на Струга, но се афирмираше низ настапите во дресот на Металург. Ги помина сите младински селекции, а дебитираше и за сениорската репрезентација на претходниот Мундијал во Германија и Данска. Иако се поврзуваше со прв интернационален предизвик и потпис за Данкерк, Динамо Букурешт или Порто, сепак Танкоски ќе остане во Македонија.

Со стружанецот започнува големата преселба на репрезентативци во битолскиот клуб. Тој е првиот од низата репрезентативци кои треба да бидат промовирани во Еурофарм Работник. Битолскиот суперлигаш е на добар пат да го обезбеди второто место во најсилната македонска лига, а со тоа да дојде на чекор од регионалното СЕХА натпреварување.