ПСЖ ја потврди доминацијата во Франција, го растури Монпелје

Во дербито на 21. коло во најсилната лига на Франција се сретнаа екипите на ПСЖ и Монпелје кое го добија момците од Париз и ја потврдија доминацијата во првенството. ПСЖ славеше убедлива победа против големиот кокурент со 33:26.

И двата состава отворија лошо со моногу грешки во нападите. Ракометарите на двата состава имаа несвојствени промашувања на почетокот на натпреварот. На голот на Монпелје беше фантастичниот Жерард кој собра седум одбрани во првите 15 минути по кои ПСЖ имаше предност од само 5:4.

Монпелје направи уште неколку технички грешки што ПСЖ ги искористи на најдобар начин со брзи контри преку Генсхајмер за убава предност од 10:5 во 20 минута на натпреварот. Домашниот состав имаше највисока предност од 13:6 по што Монпелје направи 3:0 серија и ја намали разликата. Одлично издание имаше Уве Генсхајмер со осум погодоци, а на полувреме ПСЖ имаше предност од четири гола, 14:10.

Во вториот дел ракометарите на Монпелје тргнаа решително и по пет минути игра го преполовија заостанувањето. Налетот на Монпелје го одби Никола Карабатиќ со два последователни гола и поддршка од голманот Коралес и одново беше разликата од првите 30 минути. Следуваше период во кој и двете екипи сигурно ги реализираа своите напади. До крајот на мечот ПСЖ рутински ја одработе задачата за нова победа.

Најефикасен во составот на ПСЖ беше Уве Генсхајмер  со осум  гола, а во екипата на Монпелје Шебиб постигна пет гола. На голот на Монпелје, Жерард имаше одличен настап со 19 интервенции, но и тоа не помогна против шампионот.