ПСЖ ТРИУМФАЛНО НИЗ „ШПАРКАСЕ АРЕНА“ ВО КИЛ

Екипата на ПСЖ со голем триумф против Кил од 26-30 на гостински терен, изби на првата позиција на табелата во групата А. Од самиот старт ракометарите на Нока Сердарушиќ ја имаа контролата на натпреварот завршувајки го првиот дел со високи 10-16. Германскиот шампион успеа да се врати во игра во вториот дел доближувајки се на само гол негатива 25-26, во 55.минута. Сепак во последните пет минути ПСЖ не дозволи комплетен пресврт , и со нова серија успеа да стигне до нова победа од 26-30.

КИЛ-ПСЖ 26-30 (10-16)

Кил беше во позитива само во почетните четири минути, кога со головите на Вујин, Шпренгер и Дамке имаше водство од 3-1. Во продолжението на првиот дел ѕвездите од ПСЖ покажаа зошто оваа година се сметаат за едни од најголемите фаворити за европскиот трон. Најпрво Орубиа израмни на 3-3, а Лук Абало го донесе првото водство за парижани, 3-4 во 6.минута. Од тој момент ракометарите на Нока Сердарушиќ постојано го зголемуваа своето водство кое по серијата од 4-0 најпрво изнесуваше 3-8, а до крајот на првиот дел ги достигна и највисоките +6, (10-16) резултат со кој се замина на полувреме.

ПСЖ во воведните петнаесетина минути на вториот дел успеваше да ја одржи позитивата од полувремето. Сепак германците не би биле тоа што се доколку се откажат пред време. При резултат 19-24 за гостите во 45.минута, Кил успеава да направи серија од 4-0, а Аниќ со погодокот во 52.минута го доведе Кил на минимална негатива од еден гол, 23-24. Најпрво Вујин погоди за одржување на неизвесноста 25-26, а на спротивната страна вратија Хансен и Нарцис за нови +3, 25-28 резултат со кој се влезе во последните две минути. До крајот франсцузите успеаа рутински да ја одржат предноста за конечни 26-30.

Најпрецизни во составот на ПСЖ беа Онуфриенко со седум и Нарцис со шест погодоци. На спротивната страна Вујин со пет и Канељас со четири погодоци го предводеа нападот на Кил.

Со оваа победа ПСЖ стигна до шести триумф во седмиот натпревар, избивајки на врвот на табелата во групата А.