ПСЖ дојде до плус 11, но Келце преживеа и ќе патува на Ф4

Избраниците на Раул Гонзалез имаа невозможна мисија да надоместат десет гола од првиот натпревар во четврт-финалниот дуел со Келце. Скапите ѕвезди на екипата од Франција беа многу близу, но не успеаја да победат со потребната гол разлика. ПСЖ стигна до плус 11, но на крајот се радуваше само на победа од 35:26 што не беше доволно за пласман на завршниот турнир во Келн.

Ракометарите на ПСЖ влегоа многу мотивирано во натпреварот решени да ја стигнат негативата од првиот дуел. На голот на ПСЖ почна Коралес кој веднаш ја оправда довербата на Раул и забележа неколку интервенции со што внесе несигурност кај ракометарите на Келце. Тие почнаа да промашуваат од чисти позиции. Агинагалде и Кулеш промашија од линијата од шест метри и само помогнаа за домаќинот да го диктира темпото. На Келце и среќата му го заврте грбот, а ракометарите погодуваа во пречката и секоја одбиена топка одеше во рацете на домашните.

На проблемите во нападот на Келце немаше крај. За 17 минути имаа постигнато само четири гола. Секој напад беше на работ на пасивен, а единствен начин за реализација беше индивидуална акција на Душебаев или Циндриќ. ПСЖ играше одлично во двата правци во 25 минута имаа водство 13:7 што беше аларм за Талант Душебаев да повика тајм-аут. По минутата одмор не се смени многу, во 29 минута Генсхајмер погоди за највисоки 17:10. Хансен со звукот на сирената ги постави конечните 18:11 на полувреме.

По првите 30 минути ПСЖ имаше завршено голем дел од задачата, а на почетокот на вториот дел веднаш тргна по потребната разлика за пласман на завршниот турнир. На голот застана Омејер кој имаше за него карактеристично издание и го носеше својот тим кон конечна вкупна победа.

Во 47 минута ПСЖ ја анулираше негативата од првиот натпревар кога поведе со 29:19. Три минути подоцна првпат имаше предност од 11 гола, 31:20. Циндриќ и Душеабаев правеа сè да не дозволат елиминација на својот тим. Домашните ракометари ја одржуваа разликата од 10-11 гола. Во 56 минута ПСЖ имаше напад за 12 гола предност, но ракометарите згрешија во напад, а Душебаев во контра постигна гол и изнуди трето исклучување за Хансен.Во 58. минута Агинагалде од седмерец намали на 34:25, а во следниот напад ракометарите на ПСЖ погодија во стативата и тука беа изгубени шансите за фајнал-фор.

Најефикасен во домашниот состав беше Недим Ремили со 13 гола, а одлично издание имаа двајцата голмани. Сепак и тоа беше недоволно. Во екипата на Келце, Циндриќ постигна шест, Кулеш петпати беше прецизен.