Профил: Андреа Пенезиќ ( Хрватска)

Екипата на македонскиот женски ракометен шампион ЖРК Вардар СЦБТ, беше активна на ракометниот пазар, па во следната сезона влегува засилена со една од најдобрите ракометарки на позицијата лев бек, хрватската репрезентативка Андреа Пенезиќ.

КЛУПСКА КАРИЕРА

Андреа Пенезиќ е родена на 13.11.1985 година во Загреб, Хрватска. Своите први ракометни чекори Андреа ги прави во школскиот клуб во Кустошија, кој подоцна ќе прерасне во РК Кустошија. По завршувањето на настапите во локалниот клуб, Андреа Пенезиќ во 2002 година се сели во екипата на Локомотива каде настапува до сезоната 2007/08 година. Со екипата на Локомотива има успешни настапи во КПК како и во ЕХФ купот.

Забележувајки ги добрите игри на Андреа во дресот на Локомотива, хрватскиот женски ракометен бренд Подравка покажува интерес да ја доведе во своите редови. Андреа Пенезиќ ја прифаќа понудата на Подравка, и во клубот од Копривница настапува две сезони ( 2008/09, 2009/10). Пенезиќ во тие две години е прав лидер на Подравка со која успева на два пати да ја освои титулата шампион на Хрватска, како и Хрватскиот куп. Освен во домашното првенство успешно настапува и во Лигата на шампионите. Првата сезона ја завршува со 55 додека втората со 49 постигнати голови во ЛШ.

Андреа-Подравка
Во дресот на Подравка
Андреа-Крим
Во Крим настапуваше четири сезони

По двете успешни сезони во екипата на Подравка, потпишува договор со словенечки Крим Меркатор кој важи за еден од најдобрите клубови во женскиот ракомет. Во Љубљана поминува четири одлични сезони ( 2010/11, 2011/12, 2012/13, 2013/14) каде само го подигнува својот процент на постигнати голови во ЛШ.
Сезоната 2011/12 успева да ја заврши со извонредни 78 голови во Лигата на шампионите, на тоа додаде и четири титули шампион на Словенија а четири пати беше победник и во Словенечкиот куп.

Од оваа сезона ( 2014/15) Андреа Пенезиќ ќе настапува во екипата ЖРК Вардар СЦБТ, во која пристигнува како големо засилување на позицијата лев бек.

РЕПРЕЗЕНТАТИВНА КАРИЕРА

Андреа Пенезиќ е вистински лидер на Хрватскиот национален тим. Нејзините голови беа клучни за Хрватска да го освои седмото место на Светското првенство во Бразил 2011 година, што претставува најдобар пласман на хрватската репрезентација на Светските првенства. Воедно Пенезиќ беше избрана и во “ол-стар” тимот на првенството.
Во мај 2012 година беше предводник на хрватскиот национален тим во освојувањето на второто место на квалификацискиот турнир во Шпанија, со што и овозможи прво учество на својата репрезентација на Олимписките Игри во Лондон. Олимпијадата беше уште една можност за Пенезиќ да ги демонстрира своите ракометни квалитети. Најпрво беше најзаслужна за првата победа против селекцијата на Русија, по што хрватскиот национален тим се пласираше на втората позиција во групната фаза на Олимпијадата. Во четвртфиналниот дуел против селекцијата на Шпанија беше вистински лидер на теренот, се до моментот кога несреќно се повреди и мораше да ја напушти играта, по што Хрватска го изгуби својот ритам и пласманот во полуфиналето.

Андреа-Хрватска
Во дресот на хрватскиот национален тим

Во својата земја Андреа Пенезиќ е неприкосновена кралица во женскиот ракомет, а доказ за тоа е изборот за најдобра ракометарка на Хрватска цели 6 години по ред ( од 2008 до 2013 година).

Андреа Пенезиќ
Најдобра ракометарка на Хрваска шест години по ред

Со својот разорен шут, чуство за асистенција и одличната одбрана, Андреа Пенезиќ во престојната сезона несомнено ќе биде една од клучните алки во мозаикот на ЖРК Вардар СЦБТ, во новиот поход за освојување на ракометна Европа.