Промени во Прилеп: Костантин Вешоски – ИН, Лука Карановиќ – АУТ

Тимот на Прилеп сепак сезонава нема да биде посилен за српскиот десен бек Лука Карановиќ. Џинот од 2.07 метри настапи само на една средба од меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ на дуелот против Пролет, но не покажа тоа што се очекуваше од него и нема да биде ангажиран од прилепскиот тим. Ице Соколески веднаш реагираше на трансфер маркетот и го пополни испразнетото место со македонски ракометар. Се работи за десниот бек Костантин Вешоски, кој во меѓувреме имаше опција да замине во Франција, но не се договори со Вилфранш, па затоа ќе продолжи во Прилеп.

Тој минатата сезона ја помина во Пелистер, но не изнаигра многу поради повреда, па во Прилеп ќе има шанса да се врати во старата форма. Стружанецот кариерата ја започна во родниот град, а потоа настапуваше за Металург, Пролет, Пелистер и Охрид.

Покрај Вешоски, Прилеп се засили и со српскиот лев бек Петар Шајин, помлад брат на Милан Шајин, поранешен ракометар на Металург, а другите домашни засилувања доаѓаат од соседна Битола. Десното крило Пеце Рајатоски од Пелистер е нов ракометар на Прилеп, а од другиот битолски суперлигаш, Еурофарм Работник, доаѓа и голманот Мартин Јовановски. Ново засилување е и голманот повратник во тимот Бобан Митрески.

„Сакам да искажам голема благодарност до нашите поддржувачи Општина Прилеп, Мермерниот Комбинат, Витаминка, конфекција Кули и други. Нашите амбиции за оваа година се да создадеме конкурентен и квалитетен тим, да вложиме во младите категории, младинските и кадетските, да се добијат добри играчи и да се носиме со екипи како Охрид, Работник, Пелистер…. да има квалитетни натпревари и во ова прилика ги поканувам сите љубители на ракометот од Прилеп да бидат малку поактивни и да не посетуваат на секој натпревар.“ – истакна Ице Чолаков, спортски директор на Прилеп.

Новите играчи иако се тука малку време велат дека се чувствуваат како дома, им се допаѓало како функционира самиот клуб и велат дека ќе дадат се од себе за Прилеп да влезе во плеј-офот.

„Го прифатив повикот на Прилеп да дојдам тука како засилување на нивните редови. Клубот е многу сериозен, доста се работи, не сум многу тука но, можам да кажам дека засега немам никаква забелешка. Сите ме прифатија како да сум цел живот со нив. Клубот има големи амбиции, исто ми се допаѓа и градот Прилеп, ме почитуваат луѓето и мислам со работа можеме да дојдеме до плеј офот.“ -изјави Петар Шајин.

„По потекло сум од Струга, имам настапувано во повеќе клубови во македонската Суперлига. Последно настапував за Пелистер, потоа бев слободен играч. Добив покана од Прилеп, најдовме заеднички јазик и договор и се надевам дека ќе соработуваме успешно и ќе ги оствариме целите, а тоа е влез во плеј-офот.“ – изјави Костантин Вешоски.