ПРОМЕНА НА ТРАДИЦИЈАТА: Вардарци до Келн ќе патуваат преку Виена!

Ракометарите на Вардар трет пат по ред ќе бидат дел од завршниот турнир во најелитното клупско европско натпреварување, Лигата на шампионите. Низ медиумите веќе неколку седмици се провлекуваат многу факти, кои се исти со шампионската 2017 година и за суеверните навивачи значат дека Вардар повторно ќе стане европски првак.

Но, има промена на традицијата во однос на патувањето до крајната дестинација Келн. Во 2017 и 2018 година, вардарци патуваа со компанијата „Виз Ер“, која има директен лет од Скопје до германскиот град.

Сега „црвено-црните“ ракометари наместо со еден, ќе патуваат со два авиони. Тие в четврток од 12:35 часот летаат со компанијата „Аустриан Ерлајнс“ од Скопје до Виена. Во главниот град на Австрија би требало да пристигнат во 14:15 часот. Ги чека пауза од повеќе од три часа. Во 17:40 со истата компанија ќе заминат за Келн, каде ќе слетаат во 19:15, и по сите процедури, околу 20:30 часот веќе би требало да бидат сместени во хотелот „Радисон Блу“.

Утредента на пладне, вардарци ги чека средбата со новинарите, а од 13:00 часот ќе биде одржан еден тренинг пред средбата со Барселона, која е на програмата на 1 јуни од 18:00 часот.