Пролет ја најави кандидатурата за плеј-оф: Во Скопје падна Работник

Македонската Суперлига денес и утре го игра вонредното петто коло од регуларниот дел на натпреварувањето.  Во спортската сала „Македонско сонце“, составот на Пролет гo пречека амбициозниот дебитант, Работник во дерби натпреварот на ова коло.

Гостите преку мароканскиот интернационалец на пивотменската позиција, Адли Ашраф го отворија резултатот, но следуваше брз одговор од ракометарите на Пролет, по што домаќините ја превземаа контролата врз резултатот. Составот на Темелковски речиси во текот на целото прво полувреме имаше предност од два до три погодока, но дозволи на средината на вториот дел Работник да се врати во игра. Во 17 минута со два гола во низа битолчани го изедначија резултатот на 7-7. Двете екипи во последните 10 минути од првиот дел влегоа израмнети на по осум погодоци, но тука застана составот на Марковски и Зарков. Техничките грешки и непрецизните удари беа причина, младиот состав на Пролет преку брза транзиција повторно да се одалечи на сигурна предност, која по првиот дел изнесуваше 14-10.

Проблемите за Пролет започнаа во средината на второто полувреме. Работник заигра поагресивно во одбраната и со длабока зона успеа да го изненади противникот. Затоа португалскиот интернационалец во редовите на Работник, Барос донесе ново изедначување за својот тим, најпрво во 49-та, а потоа и во 52-та минута. Тоа беше вовед во неизвесна и возбудлива завршница. На три минути до крајот, Пролет повторно создаде предност од +2, која бргу се стопи, а во самиот финиш на натпреварот на дваесет секунди до крајот гостите имаа напад за еден бод од Скопје. Барос и Мојсоски се обидоа да го завршат натпреварот атрактивно со цепилин кој не беше успешено реализиран. По шеесет одиграни минути Пролет ја започна прославата на втората победа во македонскиот шампионат со конечен резултат 25-24.

Пролет 25-24 Работник (14-10)

Пролет 62: Василевски Ф. 2,Мајнов 2, Василевски А. 3, Јовановски 2, Ролевски 7, Андоновски 6, Џонов 1, Стојановски 1, Аларов 1

Работник: Чаневски 1, Чурлевски 3, Барос 10, Мојсоски 4, Караиванов 1, Ашраф 5

По одиграното петто коло, Работник се наоѓа на третата позиција во македонскиот шампионат со девет бодови, додека Пролет е на седмата позиција со два бода помалку.