Пролет фаќа залет за Суперлига во Маврово

Ракометарите на Пролет во пресрет на новата сезона ги одработуваат висинските подготовки во Маврово. Избраниците на Илија Темелковски работат напорно пред се на физичката подготвеност, а наскоро ќе следуваат и пријателските натпревари.

Во однос на минатата сезона тимот го напуштија пикерот Кристијан Василевски кој ќе се пресели во новиот прволигаш Бутел Скопје, додека десното крило Бојан Николовски исто така ќе му се придружи на неговиот соиграч.

Нови засилувања, кои веќе се потврдени се десното крило Влатко Јовчевски, кој паузираше последната полусезона, левото крило Стефан Трајковски, кој се врати по една година настапи за Борец Велес, плус младиот Виктор Гроздановски од Работнички, кој игра на десно крило, но може да покрие и на позицијата десен бек, каде ќе игра Доне Мајнов.

Носителите на играта се истите од лани, средниот бек Ласко Андоновски и голманот Стефан Кимевски, помогнати од Филип Ролевски, Иван Џонов, Стефан Стојановски, близнаците Василевски…

Раководотвото на тимот работи на тоа уште да го засили тимот, со минимум уште еден бек, но преговорите не одат баш лесно. Пролет ќе биде една од четирите македонски екипи што ќе играат на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп, заедно со домаќинот, Пелистер и Борец.