Пролет конечно врза две победи, без мака славеше против Вардар Јуниор

По елиминацијата од Купот на ЕХФ, ракометарите на Пролет се вратија на домашна сцена и убедливо го победија најпрво тимот на Борец, а успеаја да врзат и две победи во серија, откако славеа на домашен терен над Вардар Јуниор со 29-19 во натпревар од шестото коло на Суперлигата.

Неизвесно, ако воопшто може така да се каже, беше само во почетните минути, 4-4. Потоа Стефан Трајковски и Мартин Манасков погодија по два пати и Пролет се одлепи на 8-4, а до крајот на полувремето, домашните поведоа и со +5, 13-8.

Вториот дел беше чиста формалност. По 15-11, Пролет се одлепи на 19-11 и набрзина ги казнуваше сите грешки на младите вардарци. Имаа домашните и предност од 12 погодоци разлика, но на крајот мечот заврши 29-19.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Стефан Трајковски со девет голови и Александар Василевски кој погоди четири пати, додека кај Вардар Јуниор се истакнаа Дејан Кукуловски со четири и Иван Димитровски со три погодоци.